На 84-годишна возраст, почина едно од најистакнатите македонски фудбалски имиња во историјата, легендата на скопски Работнички, Томче Филиповски.
Со неговото име се врзани бројни успеси на популарниот клуб од Дебар Маало. Филиповски цели 18 години го носеше дресот на Работнички, период во кој одигра 633 натпревари и постигна 225 голови. Во сезоната 1971/72 беше најдобар стрелец во Втората југословенска лига.
И покрај бројните понуди за промена на средината, меѓу кои и од Вардар, Филиповски остана верен на Работнички до крајот на својата играчка кариера. Неговото име засекогаш ќе остане запишано со златни букви во историјата на скопскиот клуб.
о завршувањето на играчката кариера, Томче Филиповски продолжи активно да придонесува за развојот на фудбалот, како истакнат спортски работник и функционер. Во периодот од 1987 до 1991 година беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, во период исполнет со значајни успеси на југословенскиот фудбал.
Под негово раководство, фудбалската репрезентација на Југославија настапи на Олимписките игри во Сеул во 1988 година, а на Светското првенство во Италија во 1990 година го освои петтото место.
Со заминувањето на Томче Филиповски, македонскиот и скопскиот фудбал загубија голема легенда, човек кој целиот свој живот го посвети на фудбалот.
Фудбалската федерација на Македонија упатува искрено сочувство до семејството, пријателите, фудбалските соработници и сите кои го познаваа и почитуваа.
Погребот на Томче Филиповски ќе се одржи утре на Градските гробишта Бутел во Скопје, во периодот од 11:30 до 12:30 часот, во капелата во Бутел.
Нека почива во мир.




