Екипата на Башкими го совлада Скопје на гостински терен со 2-1 и го освои првите три бода во шампионатот.
Првата шанса ја имаше Башкими, кога Рибеиро ја погоди надворешната страна од мрежата. На спротивната страна, во првата сериозна можност за домашните во 14-тата минута, Ангелов упати прецизен удар, но на висина на задачата беше голманот на Башкими, Алиу. Набрзо потоа, Рибеиро тргна во соло-акција во противничкиот шеснаесетник, но домашниот чувар на мрежата Наумовски реагираше одлично.

Во 18-тата минута, Рибеиро асистираше во шеснаесетникот, но одбраната на Скопје успеа да го блокира Андри Стафа на само 6 метри од голот. Во 25-тата минута, Рибеиро беше непрецизен од слободен удар земен од 17 метри.
Башкими поведе во 30-тата минута. Гостите изведоа брз напад и по асистенцијата на Рибеиро, младиот напаѓач Рашид го постигна својот дебитантски гол за кумановскиот тим. На три минути пред крајот на првото полувреме, Адис Мурати се најде во добра шанса во шеснаесетникот на Скопје, но биеше за малку крај голот.

Башкими влезе подобро и во второто полувреме. Уште во првиот напад, Андри Стафа упати силен удар, но топката замина покрај голот.
Веќе во следната акција, кумановци ја зголемија предноста: Рибеиро упати удар, голманот Наумовски кратко одби, а одбиената топка ја прифати капитенот Адис Мурати и ја испрати во мрежата за 2-0.

Првата посериозна закана за Скопје во второто полувреме донесе и намалување на резултатот. Во 69-тата минута, Лимани неправилно го запре Николовски во шеснаесетникот, а судијата Идризи покажа на белата точка. Сигурен реализатор на пеналот беше Али Адем, постигнувајќи го својот прв гол во дресот на Скопје за конечни 1-2.

До крајот на натпреварот немаше конкретни шанси на двете страни, па гостите ги запечатија трите бода. Во 7-мото коло, Скопје му гостува на тимот на Шкендија Арачиново, додека Башкими на домашен терен ќе ги одмери силите со Вардар.





