Шкендија убедлива против Башкими

Шкендија по двата ремија повторно се врати на победничките патеки, совладувајќи го Башкими во Гостивар со резултат 4-1 во натпреварот од 8. коло. Црвено-црните го започнаа мечот со силен ритам и рано поведоа во 15. минута преку Ндзенгуе, по асистенција на Тамба. Башкими успеа да израмни во 40. минута, кога Рибеиро од слободен удар ја испрати топката во шеснаесетникот, а Фатих Исмаили најдобро се снајде и погоди за 1-1.

Веднаш на стартот од второто полувреме, во 46. минута, Трумчи продре од десната страна и додаде до Красниќи, чиј удар беше одбранет од голманот, но Кријезиу ја следеше акцијата и донесе нова предност за Шкендија  2-1.   Во 51. минута Јонузи ја погоди стативата и беше блиску до израмнување, но среќата не беше на страната на Башкими.

Во 71. минута Тамба повторно се најде сам во шеснаесетникот и реализираше за 3-1, а конечниот удар го зададе Трумчи во 87. минута, кога по акција од левата страна голманот ја одби топката пред Тамба, но Трумчи беше на вистинското место и ја испрати во мрежата за 4-1.

Ефикасна и доминантна партија на тетовци, кои ја потврдија својата сила во нападот, додека Башкими покажа дека е тим во подем и може да биде сериозен предизвик за секој противник.