Демири: Го почитуваме Вардар само до првиот судиски свиреж

Во рамките на 8. коло од Првата Фудбалска лига на Македонија, Шкендија од Арачиново гостува кај екипата на Вардар. Арачиновци влегуваат во овој дуел со максимален оптимизам, понесени од одличната серија од четири последователни победи.

По домашниот кикс против Арсими (0-2), тимот на Шкендија фати победнички ритам и славеше на тешките гостувања кај Башкими (2-1), Брегалница (1-0) и Детониг Плачковица (3-1, во Купот на Македонија), а во минатото коло пред домашната публика ја совлада и екипата на Скопје со 1-0.

Капитенот на „црвено-црните“, Бесир Демири, порачува дека респектот кон противникот завршува со излегувањето на терен.

„Ова е меч како и секој друг и носи исти вредни три бода. Се наоѓаме во одлична форма со четири победи по ред во Првата Лига и Купот. Го почитуваме противникот сè до почетокот на натпреварот, но на теренот влегуваме без никаков респект, одиме исклучиво на победа за да ја продолжиме позитивната серија и да ги израдуваме нашите верни навивачи“, изјави Демири.

Ова ќе биде прва меѓусебна пресметка за овие две екипи во прволигашката конкуренција. Натпреварот се игра на терените на комплексот на „Куќа на фудбалот“ (ФФМ) со почеток во 20:00 часот, а главен судија ќе биде Доне Ристовски.