Македонија поразена во Луцерн

Фудбалската репрезентација на Македонија со уште еден пораз ја заврши октомвриската серија во Лигата на нации. Нашата репрезентација загуби со 3-0 од Швајцарија во Луцерн и остана без бодови по четирите одиграни натпревари во овој циклус.

Резултатот можеби е превисок ако се земе предвид текот на натпреварот, но Швајцарците беа максимално ефикасни во казнувањето на македонските грешки. Ридер, Манзамби и Ндоје погодија за домашниот тим, кој не блескаше, но знаеше како да го искористи секој наш пропуст.

Македонија добро го отвори натпреварот и не изгледаше инфериорно против фаворитот. Првата закана дојде од Швајцарија во десеттата минута, кога Ндоје шутираше од работ на шеснаесетникот, но Димитриевски сигурно одбрани.

Нашиот тим возврати во 20. минута. Андреј Стојчевски се најде во добра позиција и шутираше со глава, но топката заврши над голот на Мвого.
Швајцарија повторно се закани преку Сиеро во 28. минута, но неговиот удар од далечина не ја погоди целта. Две минути подоцна Ридер имаше идеална можност за погодок, но Димитриевски го спречи.

Кога Македонија го држеше ритамот и изгледаше дека може да замине на пауза со позитивен резултат, следеше кобната 43. минута.

Алиоски ја врати топката кон Муслиу, но нашата одбрана не реагираше навреме. Ридер го искористи подарокот, ја одзеде топката и со сигурен удар го совлада Димитриевски за 1-0.

Јакин веднаш реагираше на почетокот на второто полувреме и ги внесе Манзамби и Јашари. Со свежината во тимот, Швајцарија доби поголема контрола, а Македонија сè потешко доаѓаше до противничкиот гол.

Во 50. минута Елведи се закани, но Димитриевски одбрани. Пет минути подоцна Јашари имаше можност да го проигра Амдуни, но акцијата пропадна поради лошото додавање.
Седлоски се обиде да промени нешто по еден час игра со влегувањето на Гаштаров и Омерагиќ. Сепак, Македонија не успеа да се врати во натпреварот.

Во 74. минута стигна вториот гол. Манзамби се одлучи на удар од околу 25 метри, а Димитриевски не успеа добро да интервенира. Топката заврши во мрежата за 2-0.

Конечниот резултат беше поставен во 81. минута. Гаштаров направи непотребна грешка пред нашиот шеснаесетник и ја загуби топката, а Ндоје немилосрдно казни за 3-0.

Во Луцерн повторно се покажа дека против вакви противници и најмалите грешки можат да бидат прескапи.

ШВАЈЦАРИЈА – МАКЕДОНИЈА 3-0 (1-0)
Термоплан Арена, Луцерн. Гледачи: 15.730. Судија: Едгарс Мајцевс (Летонија). Стрелци: Ридер 43’, Манзамби 74’, Ндоје 81’ (Швајцарија). Ж. Картони: Елези (Македонија)
ШВАЈЦАРИЈА: Мвого, Бричги, Елведи, Аканџи, Родригез (70’ Атекаме), Фројлер, Сиеро (46’ Јашари), Соу (46’ Манзамби), Ридер, Амдуни (70’ Ботели), Ндоје (86’ Санчес).
Селектор: Мурат Јакин

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Стојчевски, Муслиу, Зајков, Алиоски, Елези (70’ Костадинов), Барди (82’ Станковски), Елмас, Дориев (59’ Гаштаров), Митровски (82’ Миовски), Растодер (59’ Омерагиќ).
Селектор: Гоце Седлоски