Седлоски: Не дојдовме само да одиграме натпревар

Македонската репрезентација утре ја очекува нов дуел со Швајцарија, десет дена по натпреварот во Скопје. Селекторот Гоце Седлоски очекува реакција од тимот и подобра игра во однос на првиот меѓусебен дуел.

„Знаеме каква репрезентација е Швајцарија и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме, со колективна игра и еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме добар натпревар и да се израдуваме по поразите кои ги имавме“, изјави Седлоски.

Селекторот потврди дека здравствениот билтен е добар и дека сите фудбалери се подготвени за натпреварот, а најави и промени во составот поради густиот распоред и четирите натпревари во период од 12 дена.

„Сите играчи кои се повикани ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период. Од секој играч сакам подобро. Имаме и млади момци кои се примени добро од постарите и од меч во меч мора да бидеме подобри“, додаде Седлоски.

Селекторот истакна и дека критиките треба да бидат насочени кон него, а фудбалерите во овој момент да ја имаат потребната поддршка.