Ристовски: Сакаме во Битола и следната година да се гледа прволигашки фудбал

Пелистер во последното 33. коло ќе игра пред својата публика и ќе се обиде да ги подобри своите шанси во борбата за опстанок.

Единствен ривал на битолските „зелено-бели“ е АП Брера, со која минативе кола се ротираа на 8 и 9 место од табелата, а тоа има важност за тоа кој со кого ќе игра во баражот за опстанок во лигата. На хартија, АП Брера игра со „фенерџијата“ Шкупи и има релативно полесно задача за да освои три бода, додека Пелистер го пречекува Башкими.

“Уште еден тежок натпревар за нас, како и секој претходен, со голем психолошки товар. Башкими е тим составен од искусни фудбалери кои имаат настапувано во повеќе прволигашки тимови. Минатата година изборија место во ПМФЛ и успеаја да завршат над повеќе тимови со долга прволигашка традиција. Ние сѐ уште го немаме изборено опстанокот и мораме да продолжиме дисциплинирано во претстојните мечеви, како со Башкими, така и во баражот што ни претстои“, вели тренерот Марјан Секуловски.

Подиректен е Марјан Ристовски – Швајц, кој посакува позитивна атмосфера во пресрет на баражот, а со една цел  нашите навивачи и следната година да ги бодрат во ПМФЛ.

“Последен натпревар од првенството. Одиме на победа и три бода, позитивно да влеземе во баражот, со позитивни мисли. Битола и догодина повторно да гледа прволигашки фудбал“, вели Ристовски.

Во двата дуели од оваа година, Башкими славеше – прво во Битола со 1:2, а потоа и на домашен терен со 1:0. Претходно, Пелистер ги има добиено двата меѓусебни дуели од ВМФЛ во сезоната со23/24.

Натпреварот се игра со почеток во 16.30 минути на стадионот „Петар Милошевски“.