Вардар на домашен терен ќе ја прослави освоената титула

Во последниот натпревар во сезоната, Вардар пред своите навивачи ја пречекува Шкендија, екипа во текот на сезоната беше најсериозниот конкурент на “црвено црните” во битката за шампионскиот трофеј.

Токму поради тоа нема поубав момент за затворање на натпреварувањето во кое Вардар на крајот ќе го прослави освојувањето на пехарот и враќањето на тронот во македонскиот фудбал по пауза од шест години.

Последен пат Вардар титулата во ПМФЛ ја освои во сезоната 2019/2020, а за “црвено црните” ова ќе биде вкупно 12-та титула во колекцијата со што ќе се зацврсти на првото место на вечната листа на најтрофејни екипи во Македонија.

Тимот предводен од Гоце Седлоски, кој попладнево за последен пат ќе седи на клупата на Вардар во мечот со големиот ривал влегува со серија од шест победи, а од дуелот со Арсими во кој противникот славеше со 1:0, новиот првак има низа од осум средби без да се почувствува горчината на поразот, а забележан е само еден нерешен резултат и тоа на гостувањето во Битола.

Во оваа серија која трае од почетокот на април, голманите на Вардар само еднаш ја ваделе топката од сопствената мрежа.

Во претходните два натпревари одиграни во текот на сезоната, двата тима забележаа по една победа и тоа на теренот на противникот.

Во ноември минатата година Вардар во Тетово, славеше со 1:0, а стрелец на голот беше Давид Бабунски додека во Скопје, стрелец на единствениот гол за Шкендија беше Лиридон Љатифи.

Дуелот во Скопје се игра на арената Тодор Проески, а почетокот е закажан за 18 часот.