Три победи во низа го кренаа оптимизмот во редовите на Шкендија Арачиново, која ја брка продолжението на позитивната серија и против тимот на Скопје, во последниот дуел од 7-то коло во Втората фудбалска лига на Македонија.
По првенствените триумфи над Башкими (2-1) и Брегалница (1-0), екипата од Арачиново во средината на неделата славеше и на гостувањето кај Детонит со 3-1 во рамките на Купот на Македонија. По серијата од три меча на гостински терен, Шкендија Арачиново денеска пред домашната публика го пречекува тимот на Скопје.
„Како и на секој натпревар, така и сега, одиме на победа. Знаеме дека нема да биде лесно, но сѐ што направивме досега мора да го потврдиме против Скопје и да ја израдуваме нашата публика на домашен терен“, изјави Миле Тодоров.
Дуелите меѓу овие две екипи секогаш носат ефикасен фудбал и многу голови. На претходните две меѓусебни средби, Скопје најпрво ремизираше на домашен терен (2-2), а потоа славеше и како гостин против Шкендија Арачиново со 2-1.
Денешната пресметка се игра на стадионот во Чаир со почеток од 16:00 часот, а главен судија на мечот ќе биде Доне Ристовски.





